ДОМА - new - Замките на патот: Колумна за неделникот ФОКУС

Замките на патот: Колумна за неделникот ФОКУС

basni

Во тој период на евентуално владеење без учество на опозиција, би се поништил секој досегашен позитивен исчекор кон евентуално санирање и стабилизирање на демократскиот амбиент во Македонија. Криминалните досиеја би биле неутрлизирани од подјармената судска власт, би стапила на сцена безмилосна и бескрупулозна пресметка со неистомислениците, би се згаснала секаква евентуална опозициска искра и би се анестетизирал опозицискиот простор на долг рок, медиумскиот простор би се добетонирал до крајност, судството исто така, но следи и уште нешто. Моите проценки говорат, дека во таква неприкосновена позиција, новата евентуална влада брзопотезно би издејствувала промена на Уставот и воведување на тврд претседателски систем или некаква форма на полупретседателски модел, по примерот на Путин

Фокус 30 јан 2016, 20:29пишува Д-р Љупчо Ристовски

“Првата задача на докторот е политичка: битката против болеста мора да започне со битка против лошото владеење. Човекот може да биде целосно излечен само доколку е најпрво потполно ослободен…(од притисоци, од закани, од репресии, од јаремот на автократското владеење, од страв, од опасностите да постане жртва на измама, од сиромаштија, неизвесност, несигурност…м.з).“ Michel Foucault

Животот честопати ни носи непредвидливи ситуации. Понекогаш тие се резултат на нашите сопствени одлуки, носени од можеби погрешни основи во нашето срце, понекогаш тие се резултат на надворешни фактори и околности, при што неподготвени, не умееме навреме да процениме и да реагираме соодветно, а неретко се комбинација и́ од двете можности.

Две илустрации ќе не донесат поблиску до пораката.

Во кафезот на една зоолошка градина, покрај змијата која спие, одговорните за чување на животните пуштаат глушец за храна. Глушецот насетувајќи ја опасноста, преплашен од тоа кое следи, одлучил да преземе иницијатива. Почнал да турка песок кон змијата, со намера да ја покрие целосно, надевајќи се притоа дека ќе ја затрупа и таа нема да го забележи и изеде. Змијата била целосно покриена со песок, а глушецот, видно задоволен што веќе не ја гледа змијата, застанал да се одмори. Сите, претпоставувам знаеме што ќе се случи со глушецот кога ќе се разбуди гладната змија.

Но, дали во случајов глушецот исправно постапил? И дали ја постигнал очекуваната цел? Или подобро ќе било да си остане помирен со судбината дека неговиот живот за кратко завршува, и́ му нема спас?

Сторијата завршува така што, едниот од одговорните во установата, гледајќи го глушецот како се бори да опстане, му паднало жал и го извадил од кафезот пред да се разбуди змијата и со тоа му го спасил животот.

Втората сторија говори за младо момче од едно индијанско племе. Имено, детево имало обичај често пати да се искачува кон врвот на ближната планина. Во една прилика, блиску до врвот здогледал залутана змија. Таа му пришла и милозливо го замолила да и помогне на начин што ќе ја земе во рацете и ќе ја симне во долината каде што и́ е потопло и каде што може слободно да продолжи да живее. Се пожалила притоа, дека ако момчево не ја симне, таа од студ и без храна набрзо ќе умре. Момчето најпрвин не и поверувало, подучено од своите родители дека тие змии се многу опасни, лукави и немилосрдни кон своите жртви. После неколку убедувања и разубедувања, милозливиот и пријатен глас на змијата, нејзиниот шаренолик и привлечен изглед, сепак му влеале доверба на момчето, дека можеби ја змијата ја зборува вистината и нема да го касне доколку ја земе во своите раце. И момчето постапило според своите чувства, наспроти разумот кој му говорел да ги послуша неговите родители. Кога стигнале во долината, пред да ја пушти на земја, змијата безмилосно го каснала младото момче и смртоносниот отров веќе бил во неговото тело. Момчето исплашено, навредено и збунето од неочекуваната реакција на змијата, прашало: Зошто ме касна? Зошто го стори тоа, кога јас ти помогнав и ти направив добро, ти ми враќаш со зло и не се држиш до дадениот збор?

А таа ладно му одговорила: – ти знаеше со кого си имаш работа, твоите родители навреме те предупредија, а ти реши да си тераш по свое убедување. И што очекуваше после серија твои погрешни заклучоци, очекувања и одлуки?

Змијата, и́ во двата случаи, го има истиот карактер и природа. Таа е олицетворение на злото и измамата на овој свет, безмилосна е, недоверлива, лукава и крволочна, но и полна со отров.

Во библискиот наратив таа е симбол на сатаната и е непосредно поврзана со доаѓањето на гревот во овој свет. Едноставно, змијата е персонификација на сето зло на овој свет, на нешто страшно лошо, на нешто лажливо, нешто кое изобилува со измама и лукавство

Каква е поврзаноста со нашава политичка состојба?

Во повеќе наврати говорам за т.н. “апизмент“ политики на меѓународната заедница. Терминот се поврзува со Британскиот премиер Neville Chamberlain (1937-1940) и означува политика на отстапки кон автократски режими и диктатури, со цел да се сочува “очекувана“ стабилност или да се избегне некаков конфликт, односно концесии во име на повисока претпоставена цел во моментот. Чемберлен со свој потпис во 1938 година дава меѓународна верификација на анексијата на регионот Судетенленд (Чехословачка) од страна на Хитлеровска Германија, притоа надевајќи се дека со тоа ќе се задоволат апетитите на Хитлер и ќе биде остварена некаква очекувана стабилност на тлото на тој дел од Европа. Но, набргу потоа Хитлер врши инвазија на Полска и дури тогаш Британија сфаќа со кого си има работа и објавува војна на Германија, во септември 1939 година. Не само во овој случај, но и во повеќето други потоа, емпириски се потврди дека ваквите “апизмент“ политики се погубни и скоро секогаш водат до влошување на состојбите и до опасност од катастрофи.

Која би била претпоставената повисока цел во актуелниот политички момент во Македонија, а за која цел, меѓународната заедница би била подготвена на отстапки и попустлив однос кон барањата и потребите на власта?

Првата оска, претпоставка е дека би била евентуално ветување од страна на коалицијата на власт (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), дека доколку го задржи мнозинството во власта, а тоа очекувано би се случило според нивните проценки, доколку се потврди 24ти април како конечен датум за избори, значи во таков случај, експресно би се понудило прифатливо решение за спорот со Република Грција, односно би се прифатила брзопотезна промена на Уставното име.

Второ, мигрантската криза ја погоди Европа, како никогаш досега во последниве неколку децении. Европската администрација покажа неумешност и некоординираност во справување со истата, а долго време прокламираната солидарност, на која толку многу полагаше сметка дотогаш, како да исчезна од тлото на Европа. Кога се работи за свои интереси, за земјите членки на Европа не важи принципот на солидарност. А кога станува збор за трета земја, во случајов Македонија, кога нивниот интерес е од низок профил, тогаш солидарноста е Европски принцип и во тоа име сите се солидаризираат со Република Грција. Ваквиот модел на двојни стандарди обременети со леснотија во кршење на принципите на правда и правичност, е показател дека Европскиот модел покажува сериозни пукнатини. Оттука и актуелните челници на Европската унија се во зона на постепено, но неповратно слабеење на авторитетот и кредибилитет во очите на Европската јавност, а особено и на македонската јавност. Со тоа слабее кохезивната сила на унијата и се губи извесноста на Европската перспектива кај народите на нејзино тло.

Во такви околности, евентуалната попустливост на Македонија во правец на прифаќање да постане сериозен дел од “тампон зоната“ со ЕУ преку изградба на големи кампови и прифатилишта за бегалците, во кои ЕУ индиректно ќе врши селекција на мигрантите и ќе пропушта само тоа кое и́ одговара, можеби и може да се смета за втората оска на која се надева Брисел.

Внатрешната стабилност на Македонија, како така одржувана од владејачката коалиција, е третата сериозна оска која Брисел не би сакал да ризикува да ја изгуби, а особено не и Вашингтон.

Овие се трите можни оски на кои смета Брисел, а во реал политиката за нив тоа се сериозни аргументи во полза на евентуално практикување на “апизмент“ политики во однос на Македонија.

Но, ајде да погледнеме во другиот табор. За очекување е дека секако би имало сериозни отстапки и во полза на другата страна. Лукавството или итарпејовската итроштина не би била тоа што е, доколку не извлече полза плус за свои потреби и цели.

Имено, ВМРО-ДМПНЕ со доаѓањето на Груевски на чело, го сонува периодот од 1994 – 1998 година, кога Црвенковски и СДСМ имаат апсолутна и неприкосновена позиција на власт, поради неучеството на опозицијата на избори. Но, и во тој период, од оваа временска дистанца се виде дека “апизмент“ политиките на меѓународната заедница присутна во Македонија, биле и́ те како на сцена. Се случи времена спогодба со Грција и сериозни еднострани отстапки од Македонската влада, во три битни државотворни сегменти кои идентитетски, сериозно влијаеа врз процесот на обезличување на нацијата.

Имено, со член во Спогодбата, разговорите за разликите околу името прераснаа во преговори (внесен е новиот термин преговори, кој детерминира договор за промена на името во некој иден период, се́ до евентуално откажување од времената спогодба на една од страните). Потоа, во друг член од Спогодбата државата се откажа од националното и државно знаме. Во однос на Македонското малцинство во Северна Грција, државата се обврза да го почитува принципот на воздржување од користење на правото да општиме со нашите Македонци во Грција. Спогодбата не беше гарантирана од страна на било која голема сила, а од страна на владата на Грција, единствената обврска која беше преземена со спогодбата – да не го попречува нашето членство во НАТО и ЕУ под привремената референца на ОН, беше прекршена.

Овие сериозни државотворни отстапки на тогашната влада, и́ донесоа големо олеснување на меѓународната заедница. “Апизмент“ политиките на меѓународната заедница во вовој случај и овозможија на владата на Црвенковски да наплати со неоспорување на монопартискиот Парламент тие четири години, со замижување пред криминалната приватизација која донесе преку 200.000 стечајци на улица, со премолчување на флагрантниот и без преседан упад во судството и со безброј криминали и злоупотреби на позицијата на моќ во наведениот период. За само четири години монопартиски Парламент, Македонија и нацијата беа трагично уназадени со децении.

Сонот на Груевски

Е сега, да погледнеме од поинаква перспектива, за која сонуваат Груевски и коалицијата.

Имено, во бришан простор од неколку години, со мандат евентуално добиен, на одржаните избори на 24 април оваа година, без учество на опозиција, Груевски и коалицијата се надеваат дека двата големи влога, односно ветената промена на името и градба на мега кампови за мигрантите ќе им донесе повеќеструка добивка.

Имено, несметано од опозицијата, во тој период на евентуално владеење без учество на опозиција, би се поништил секој досегашен позитивен исчекор кон евентуално санирање и стабилизирање на демократскиот амбиент во Македонија. Криминалните досиеја би биле неутрлизирани од подјармената судска власт, би стапила на сцена безмилосна и бескрупулозна пресметка со неистомислениците, би се згаснала секаква евентуална опозициска искра и би се анестетизирал опозицискиот простор на долг рок, медиумскиот простор би се добетонирал до крајност, судството исто така, но следи и уште нешто.

Моите проценки говорат, дека во таква неприкосновена позиција, новата евентуална влада брзопотезно би издејствувала промена на Уставот и воведување на тврд претседателски систем или некаква форма на полупретседателски модел, по примерот на Путин. На политичката сцена во Македонија би стапило владеење со декрети. Режимот би бил покриен со “демократски песок“ за ние да си мислиме дека нема опасност по нашата иднина и по перспективите за нашите поколенија. Нацијата би се “хранела“ со ветувања кои треба да поттикнат наивно очекување и надеж дека “шареноликата и привлечна на прв поглед змија“ сепак ја говори вистината и ќе си го додржи зборот дека нема да биде опасност по нашата, но и по иднината на генерациите по нас.

Носењето на исправни одлуки како нација, зависи од степенот на нашата зрелост и од носење на вистински одлуки за избор на најдоброто од нацијата.

И прашања за секој од нас: Дали сме зрели за нов исчекор кон нови повисоки нивоа на прогрес и просперитет? Дали сме подготвени да погледнеме повисоко и подалеку, од поинаква перспектива на иднината на нацијата? Дали сме доволно храбри да се одважиме и стремиме кон највисоко поставени цели? Дали има во нас доволно ревност за конечен исчекор кон новиот вредносен поредок и такви нивоа на прогрес и просперитет каков што сонува и посакува секој од нас?Дали конечно нацијата ќе успее да го изнедри на јавната политичка сцена најдоброто од себе, во периодот кој доаѓа? И дали секој од нас е подготвен храбро и бескомпромисно да го даде најдоброто од себеси за финална пресметка со носителите на злото и злокобта на јавната политичка сцена кај нас?

“Кој сака да направи нешто – ќе најде начин, кој не сака – ќе најде оправдување“ Пабло Пикасо

http://fokus.mk/zamkite-na-patot/

Провери!

Семинар: „Од идеја до мерливи резултати“

Семинар: „Од идеја до мерливи резултати“   Датум: 30 ноември 2019 Почеток: 10:00 – 15:00 ...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *