ДОМА - Анализи, Интервјуа, Статии - Стандард.мк Ристовски: Иванов нема да се поколеба и да му го даде мандатот на Заев

Стандард.мк Ристовски: Иванов нема да се поколеба и да му го даде мандатот на Заев

Ристовски: Иванов нема да се поколеба и да му го даде мандатот на Заев

Ристовски: Иванов нема да се поколеба и да му го даде мандатот на Заев

Во периодот после изборите ВМРО-ДПМНЕ тврдо газејќи по ивицата на претпоставената загрозеност на државата и нацијата, засега успева да го пренасочи јавниот дискурс на етничката и национална оска, вели во интервју за Стандард.мк., Љупчо Ристовски, претседател на Институтот за доблесна и вредносна политики ИНТЕГРА.

Дури и да има нови избори, албанските партии би го повториле барањето за платформата и веројатно би се стигнало до истиот исход. Што значи, мала е веројатноста за ВМРО-ДПМНЕ да формира Влада, освен ако не ги убедат гласачите дека се загрозува унитарноста и безбедноста на државата. Каква е според Вас стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, која е целта што сакаат да ја постигнат во контекст на формирањето на влада?

-Прашањето за нови избори во оваа фаза, според мене е беспредметно, првенствено поради претпоставените проценки дека во таков расплет на настаните повторно би добиле иста или слична политичка карта на мандати во Собранието. Втората причина се проценките дека ниту една од партиите не е убедена дека тоа е патот кој ќе им донесе поубедлив успех.

Веројатно дека и албанските првенци ќе продолжат со инсистирањето околу платформата или заедничката декларација, која во оваа фаза стана „камен на сопнување“ за добивање на мандатот од страна на претседателот Иванов, процес кој дополнително ги обременува и онака силните политички тензии кои имаат претензија да прераснат и во етнички проблем. ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се поврати по неочекуваниот исход од изборите во декември минатата година, со примена на сценарио за инсталирање на криза според концептот кој е познат во политичките науки, а кој го нуди т.н. Хегелијанска дијалектика. Имено, согласно оваа доктрина, во дадена фаза се применува стратегија за инсталирање на криза со нагласени манипулативни тактики и се инсталира парадигмата: Проблем – Реакција – Решение.

Им оди ли од рака на ВМРО-ДПМНЕ да го преиначат јавниот дискурс од дискусија за екс-функционерите кои имаат по неколку обевиненија, од истрагите на СЈО кои разобличија како се вршел грабеж на парите на граѓаните кон дебати за опасност по сувереноста, безбедноста и независноста на државата, негирање на територијалниот интегритет?

-Да. Во периодот после изборите ВМРО-ДПМНЕ тврдо газејќи по ивицата на претпоставената загрозеност на државата и нацијата, засега успева да го пренасочи јавниот дискурс на етничката и национална оска. Таквиот чин им обезбедува времена предност на политичката сцена, оти се успева да се наметне во граѓанството чувството на загрозеност, што логично во градацијата на приоритетите по важност во дадениот политички момент, за повеќето од населението е повисоко од фактичката узурпација на политичкиот поредок од октроирана група на партиски првенци. Оттука и процесите поврзани со расчистување на флагрантните злоупотреби на позициите на власт и моќ ја губат предноста на јавна сцена, а се намалува и внатрешниот потенцијал да служат како силен мотивациски фактор за регенерирање на демократскиот капацитет на нацијата и државата.

Токму поради оваа опасност се обидувам подолго време да го вратам дискурсот на вистинската оска со аргументот дека на Платформата сега не и е сезоната. Истовремено, ценам и јавно го прокламирам ставот дека идентитетските вредности на албанската заедница, како и на другите заедници кои живеат во Македонија, можат да се унапредуваат во континуитет, но преку политика на искрени намери, наместо политика на скриени намери, но и во едни поинакви околности, во кои ќе има доволно релаксирана ситуација во општеството за сериозен општествен дискурс за овие етнички теми кои се од голем габарит и со историска димензија по иднината на државата и нацијата. Оттука, ценам дека таков општествен договор може да се постигне само во атмосфера на повратена доверба едни во други, во услови на стабилизиран политички поредок, во услови на повратена доверба во институциите на системот и политичките водства, како и во непосредните претфази за влез во НАТО и членство во ЕУ.

Поголем број на странски политичари, меѓу кои и Могерини, го повикаа Иванов да ја преиначи одлуката за доделување на мандат. Очекувате ли дека оваа одлука на Иванов ќе заврши слично како одлуката за помилувањето, дека ќе реши да ја повлече?

-Моите проценки говорат дека претседателот Иванов нема да се поколеба во даденава ситуација околу својата одлука да не го довери мандатот на опозицискиот лидер. Аргументите со кои претседателот ја брани својата одлука се во членот 90 од Уставот, иако за волја на вистината тој е еден од најнедоречените членови, особено за ситуации и во услови на претпоставена криза или балансиран резултат од изборите, потоа во членот 84, како и членот 87 и 1 со кои уставноста, законитоста и заштитата на суверенитетот како авторитет на државата суверено и без влијание од други (во случајов од соседите) да ја владее својата територија, се валидни аргументи во случајов. Дополнително, една уставна одлука од пред десетина години ја бетонира неговата позиција, според која претседателот го има потполното право тој да го доверува мандатот, нормално согласно демократските процедури и практики. Иако, стои и фактот дека доколку тој проценеше дека е исправна политичка практика да го довери на следниот кој ќе обезбеди парламентарно мнозинство, тој тоа и можеше да го стори, оти постои и законска и уставна оправданост за такво нешто, особено што и нашиот систем познава таква практика.

Се надевам ја забележувате тенката граница околу исправноста на одлуката на претседателот, со што се остава впечатокот дека истата ја предимензионира политичката димензија, наместо стриктно да се држи до уставните права и обврски кои му се доверени на претседателот. Но, како и да е, сепак тоа е негова одлука и тука последиците поврзани со исправноста на истата, се бремето со кое и тој самиот ќе треба да се носи, а историјата да суди дали биле во ред или не.

Секој обид за вовлекување на младите во партиско – политички пресметки го продлабочува јазот во нацијата и се остава простор за понатамошни делби на националното ткиво

Се појавија инфирмации дека директорката на „Јосип Броз Тито“ ги повикала учениците да излезат на протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, а во дел од училиштата беа залепени провокативни натписи. Што може да донесе обидот за вовлекувањето на младите во политичкиот судир кој се префрла на меѓуетнички план?

-Младите треба да си ја живеат младоста и да уживаат во нејзината благодат. Ова не значи и дека не треба да пројавуваат интерес и за политичките и општествените збиднувања. Но, секако тоа не треба да се прави под влијание на партиските субјекти, под притисок на наставничкиот кадар и раководствата на училиштата.

Секој обид за нивно вовлекување во партиско – политички пресметки го продлабочува јазот во нацијата и се остава простор за понатамошни делби на националното ткиво. Ваквиот концепт има призвук на злоупотреба за партиски цели, што секако не е добро за никого. Истовремено е потребно да се образуваат во еден современ процес на политичка социјализација кој ќе продуцира морално доблесна политичка култура, која во иднина ќе произведува идеологии со интегритет и политики со вграден морален код во себе.

Али Ахмети соопшти дека заедничката платформа на албанските партии е создадена во Скопје, а не во Тирана, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата. Сепак, факт е дека албанските партии имаа средба со Еди Рама во Тирана, непосредно по објавување на резултатите од изборите и дека беше дискутирана платформата на албанските партии. Очигледно е дека целта беше отворено пред јавноста да се претстави дека за ова прашање се разговара во Тирана и дека таму се присутни обединети сите албански партии. Зошто?

-Ваквиот пристап околу платформата, да се координира надвор од државата и под покровителство на повисок авторитет за албанскиот корпус во Македонија, е всушност политика на скриени намери и не влева доверба кај никого, па ниту кај СДСМ, се надевам. Дали изјавата е подготвена овде или онде е неважно во однос на тоа каде е потпишана и обзнаена во јавност. Таквиот чин можно е да содржи и пресметаност во себе во правец кон оформување на посакувана перепција кај македонскиот корпус. Сево ова оди во прилог на мојата теза дека стратегијата за инсталирање на криза според концептот на хегелијанска дијалектика е можно да е во координација со доскорешниот коалициски партнер во власта. Дополнително, што платформата или декларацијата, како сакате наречете ја, се појавува не како изборна понуда, туку како пост изборна манифестација на политичка исклучивост, уцена и притисок кон точно детерминиран политички субјект. Мојата проценка е дека станува збор за замка, стапица и измама која некој ја подготвил за во неа да влета СДСМ и да се неутрализира изборната предност која ги врати во игра и во живот, со изборите во декември минатата година, но и да се пренасочи јавниот дискурс на друга етничко – национална, да не речам националистичка оска, на која владините играчи стојат одлично.

Заев и Ахмети

Потврда за ова можеме да извлечеме и од пристапот на ДУИ и албанскиот корпус на партии во периодот кога мандатар беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, период во кој платформата беше само срамежливо најавувана, иако усвоена само неколку дена пред добивање на мандатот. Жестокоста во барањата, исклучивоста, уцените и притисокот се интензивираа значително, но кон СДСМ, откако ДУИ не донесе одлука за обновување на коалицијата со доскорешниот партнер во владата. Видлив е различниот аршин кон двата доминантни политички субјекти на македонската политичка сцена во поглед на генерирање на прифатливи ставови и перцепции во однос на платформата.

Дали јавното објавување на содржината на платформата може да ја расчисти маглата?

-Нивото на транспарентност на вкупните процеси и особено на пишуваните политички документи е симптоматично ниско, дури и запрепастувачки тајновито. Тоа пак, од друга страна води до заклучокот дека и не е се така искрено, но и се остава простор за проблематизирање на корисноста за државата и нацијата. Имено, кога сакате да скриете нешто од јавноста, вие пресметано се обидувате да протнете нешто за кое сте длабоко свесни како политичари дека ќе има сериозна негативна реакција кај мнозинството од популацијата. Тоа не е политика на искрени намери. Тоа мене ми говори дека дури ниту СДСМ се убедени во потполност дека исправно постапуваат во однос на беспоговорното прифаќање на исклучивиот пристап на албанските првенци, па и на определени пораки кои се упатуваа во јавност после изборите, а се со призвук на уцени и притисок да се удоволи на барањата само на едната страна (во случајов албанските партнери), без да се дозволи право на другиот партнер во најава да влијание врз контекстот на содржинскиот дел од платформата.

Но, расчистување на темните облаци или маглата како што велите вие не е неможно, доколку се пристапи кон политики на искрени намери, политики со ум и разум.

Што би значеле конкретно „политиките на искрени намери“?

-Ова би значело дека и двете „зајадени“ политички страни ќе мора да седнат на заедничка маса и да започнат да градат поинаков пристап кон разумна разрешница на политичката криза. Имено, мојата проценка се движи дека не е далеку од можност за изводливост на концептот на натпартиска влада на широка коалиција, составена од натпартиски мандатар и доминантно натпартиски членови на влада. Таквата натпартиска влада би била за ограничен период на време од 18-тина месеци, период во кој ќе се рестартира демократскиот капацитет на државата по сите основи, би се работело на создадавање на општествена клима на доверба, а со крајна цел, на нови избори после тој период да се оцрта нова политичка карта, која со полн политички легитимитет и капацитет ќе влезе во новите предизвици, во периодот кој претстои.

Клучните генерални цели би биле владеењето на правото со етаблирана и функционална поделба на власта на законодавна, судска и извршна, демократско профилирање и функционирање на институциите на системот, брза, ефикасна и ефективна завршница на постапките и процесите кои ги води СЈО, потоа враќање на политичката сцена на доблесноста, вредностите и моралниот код, како и интегритетот во политиката, отворање на силен процес на внатрепартиска демократија со цел да се изнедрат нови морално профилирани кадри, наместо досегашните морално тешко инкриминирани партиски првенци. За да во едни нови околности го повратиме авторитетот на политиката во општеството и нејзиниот атрибут на доблесност, кој е услов без кој не може да се зачекори во прогрес и просперитет и поквалитетен живот на секоја индивидуа.

Националните стратегиски приоритети би се движеле околу реализација на препораките од Прибе, како сериозен исчекор кон добивање на рано отпочнување на преговори за членство, во првите 6 месеци, а со тоа санирање на политичкиот систем и јакнење на демократскиот капацитет на државата, владеењето на правото, поделбата на власта, функционирање на институциите, вредносно ре-постулирање на поредокот во клучните пилари: правдата, слободата и еднаквоста, довршување на процесите поврзано со претпоставената злоупотреба на позицијата на моќ и влијание преку прислушкуваните разговори, вклучително и сите основани или неосновани сомневања за криминогени активности на носителите на извршна власт во наведениот период од законот.

Потоа, ќе биде потребна целосна општествена посветеност за членство во НАТО и брз влез во предворјето на безбедносната алијанса како врвен приоритет за нацијата и државата, евентуално нов попис согласно сите светски стандарди и иновативни решенија во тој сегмент, како и продолжување на поддршката за приватните инвестиции (домашни и странски подеднакво) и сетот на економски политики во правец кон заздравување на стопанството, значи без нагли пресврти, потреси и „ломови“ во било кој сегмент на општеството. Секако не смее да биде запоставен и корпусот на идентитетски права, за кои ќе треба во тој период да се отвори сериозна општествена дебата, период во кој ќе се анимира се што може да даде допринос во изнаоѓање на најправилни и општествено прифатливи решенија од сите заедници во Македонија, вклучително и од македонскиот народ. Потребно е заеднички напор за да се надмине чувството на загрозеност во идентитетска смисла кај било кого во Македонија.

Иванов и Заев

Може ли да се премости одлуката на Иванов?

-Ваквиот концепт ги негира актуелните најави дека е опортуно и корисно да се премости одлуката на претседателот Иванов со пресретнување на процесот по пат на формирање на влада без добивање на мандат од претседателот, што би било нов уставен преседан и Уставниот суд би интервенирал и би настанал хаос, со опасност да не однесе сите во бездна.

Затоа јас сакам да повторам, дека се сериозно опасни таквите амбиции, за да на таков начин се формира владата, без доверен мандат од претседателот Иванов. Ние не сме Словенија, и нивниот исклучок да го пресликаме кај нас како правило. Словенечката политичка култура и општествените односи во тој период, беа и се уште се далеку од нашиве достигнувања на тој план. Поготово што ние сме во фаза на актуелно дезавуиран политички систем, кога сите вредносни основи се поместени од демократската оска, кога се пореметени до крајност односите во политичкиот поредок и општеството се уште функционира по етнички енклави.

Не смееме да дозволиме ниту капка крв да се пролее по ниту една цена, посебно не по цена да се преземе власта на таков начин. Разумот мора да надвладее, страстите да се смират, општеството да се релаксира со политика на искрени намери и политички одлуки кои се во интерес на сите граѓани на Македонија, но и на иднината на државата и нацијата.

(И.К./Стандард.мк)

http://standard.mk/ljupcho-ristovski-ivanov-nema-da-se-pokoleba-da-mu-go-dade-mandatot-na-zaev/

Провери!

Институтот Интегра – членка на SALLUX

На 13 јуни 2019 година, на осмото Генерално собрание на членките на SALLUX што се ...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *