ДОМА - Анализи, Интервјуа, Статии - Економските придобивки од Трст нема да ги потиснат отворените спорови

Економските придобивки од Трст нема да ги потиснат отворените спорови

Економските придобивки од Трст нема да ги потиснат отворените спорови


Самитот во Трст е добар исчекор за економско поврзување на Западен Балкан, велат некои домашни аналитичари. Сепак, дел од нив се сомневаат дека тоа ќе значи и крај на политичките пречки меѓу земјите во регионот.

За домашните аналитичари сите активности на меѓународен план, независно од тоа дали се политички или економски, се добар правец во насока на унапредување на меѓународното влијание на Македонија и нормално позиционирање во корпусот на демократските земји. Оттука, самитот во Трст е добар исчекор за Македонија затоа што процесот на економско поврзување во регионот е иманентна потреба на народите кои живеат на оваа територија, оценува Љупчо Ристовски, претседател на Институтот за доблесна и вредносна политика Интегра.

„Мојата проценка е дека во се не треба да бараме тајни договори или теории на заговор. Економската соработка е потреба, регионот мора да се поврзува економски и оттука политичарите ќе почнат поинаку да размислуваат. Кога народите ќе се доближат, тогаш и културолошки ќе се доближиме, страхувањата ќе исчезнуваат, опасностите ќе се намалуваат, притисоците врз политичарите ќе растат, затоа што народот ќе бара да соработува, да има движење, инфраструктура за да може тоа движење да се оствари“, изјави Ристовски.

Сепак, економските придобивки за Македонија од самитот во Трст нема да ги решат политичките проблеми и отворените прашања со соседите, вели професорот Беким Кадриу.

„Мислам дека економските придобивки за земјава во никој случај нема да ги потиснат политичките проблеми кои постојат во форма на спорови или отворени прашања кои мора да се решат, затоа што тие се клучна алка во процесот на евроинтеграции на Македонија и тие ќе продолжат да се решаваат паралелно“, изјави професорот Кадриу.

Ристовски додава дека и политичкото поврзување е добро, но треба да се внимава да се зачуваат црвените линии на националниот интерес на Македонија и задолжително да постои национален консензус, каде што ќе бидат опфатени и опозициските партии.

„Политичкиот дел ќе оди потешко, зошто во Бугарија вицепремиер е Каракачанов кој е екстремното десно радикално крило, руските инсталации во Србија, Бугарија и Грција повторно се активираат и тие ќе бидат сидро кое нема да дозволи бродот да заплови во мирно море во кое е тргнат, но меѓународната заедница тука мора да одигра клучна улога и да изврши сериозен притисок, бидејќи врвен приоритет е влезот на Македонија во НАТО во дадениот момент“, смета Ристовски.

Професорот Кадриу, смета дека ваквите самити не се некаква алтернатива за членството на земјите кандидатки во Унијата, туку се добра подготовка за исполнување на потребните критериуми за членство.

„Голем дел од овие прашања зависат од нашата сериозна волја да ги направиме потребните реформи и да пристапиме кон решавање на отворените прашања со соседите“, смета Кадриу.

Владината делегација изрази задоволство од заклучоците на самитот чие мото беше регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. За премиерот Зоран Заев, Македонија е голем добитник во Трст, бидејќи ЕУ донесе одлука да ја финансира изградбата на делницата Крива Паланка – Бељаковце во должина од 34 километри со 70 милиони евра. Целиот проект ќе чини 152 милиони евра. Останатиот дел од парите Македонија ќе треба да ги обезбеди преку кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 75 милиони евра.

Реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ:

“Македонија и нејзините граѓани ќе бидат вистински добитници кога владата на Зоран Заев ќе ги ги реализира ветувањата и ќе отпочне преговори за членство во ЕУ во наредните три до шест месеци, без притоа да се склучуваат договори на штета македонскиот народ и државата и да се задира во идентитетските прашања. Самитот во Трст испрати позитивни пораки какви што беа испратени уште пред три години на Берлинскиот процес кога за прв пат се говореше за економска помош од една милијарда евра за земјите од регионот. За вистински бенефит на РМ и нејзините граѓани, Владата на Заев мора да вложи многу повеќе труд и вистински да се посвети на обврските, наместо на гол популизам кој го гледаме досега,” се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Провери!

Институтот Интегра – членка на SALLUX

На 13 јуни 2019 година, на осмото Генерално собрание на членките на SALLUX што се ...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *