ДОМА - new - Јасни пораки и насоки од ЕУ, само концептот “полна демократија“ останува перспективен

Јасни пораки и насоки од ЕУ, само концептот “полна демократија“ останува перспективен

Д-р Љупчо Ристовски: Јасни пораки и насоки од ЕУ, само концептот “полна демократија“ останува перспективен

Објавено во: Македонија 20 Април, 2018

Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот на приближување кон членство на Европската унија, е всушност работен документ во кој се нотирани констатации, забелешки и сугестии кои претставуваат обид за реално отсликување на севкупните состојби во државата и посебно на состојбите на политички план- вели за Фактор, професорот  Љупчо Ристовски, доктор на политички науки и основач на ИНТЕГРА институтот  за доблесна и вредносна политика. Според неговите проценки  Република Македонија, после еден подолг турбулентен период влегува во помирна фаза на општа релаксација на вкупните односи во општеството и постепено намалување на внатрешната конфликтност во политичкиот поредок, од една страна, но и општа релаксација на односите со соседите, посебно со Република Бугарија и со Република Грција, после еден подолг период на отуѓеност едни од други, што  е позитивно нотирано од Брисел.

“Тоа кое е особено важно за Европската бирократија е внатрешна политичка стабилност и покажана амбиција за унапредување на реформскиот капацитет на општеството, економска стабилизација и раст на економијата, како и регионална стабилност и добрососедски односи.После еден подолг турбулентен период влегува во помирна фаза на општа релаксација на вкупните односи во општеството и постепено намалување на внатрешната конфликтност во политичкиот поредок, од една страна, но и општа релаксација на односите со соседите, посебно со Република Бугарија и со Република Грција, после еден подолг период на отуѓеност едни од други, што секако е позитивно нотирано од Брисел. Ваквиот развој на настаните секако е сигнал за Европските структури да поддржат и поттикнат понатамошни процеси на политичка релаксација и стабилизација на односите во политичкиот систем, но и на процесот на помирување со соседите. Момент кој Брисел го искористи со валоризација на ваквиот пристап во политиките и водењето на државата преку давање на позитивна препорака за отпочнување на преговори за членство во Европската унија. Кованицата која е употребена во случајов е “значителен напредок во имплементација на ургентните реформски приоритети“-вели д-р Ристовски.

Истовремено, додава дека  Европската комисија со умешно одбрани зборови ги нотира забелешките и критичките точки на кои владата ќе мора да посвети позначајно внимание во периодот кој доаѓа.

“Притоа, се користат термини и констатации од типот “одлучни чекори се превземени да се започне со обнова на независноста на судството“ и “забележлив е чекорот кон усвојување на стратегија за кредибилна, нова судска реформа“ и т.н, заштитувајќи ги понатаму овие почетни процеси со нагласување дека “станува збор за долгорочен процес кој бара континуирани промени во однесувањето“. Столбовите на демократскиот модел на уредување на општествотокако што вели  беа скоро скршени, основите беа потресени и сериозни пукнатини во демократското здание се појавија. Оттука, така сериозно тешки пореметувања на системот и унаказени механизми на негово функционирање, не може да се санираат со површни политики.

“Причините за длабоката политичка криза која ја задеси Македонија сериозно долг временски период од неколку консекутивни години, беа прилично длабоки и сериозно задираа во темелите на политичкиот поредок и функционирањето на политичкиот систем. Не се доволни само јавно искажани желби, јавно истакнати определби и јавно изразена намера за реформи. За сериозна санација на темелите на системот потребен е сериозен и интегрален пристап, Не е можно сепаратно да санирате темели по моделот “тука – таму“, “овде – онде“. Таквиот пристап нема да даде резултати и не е оддржлив на подолг рок”- објаснува д-р Ристовски.

На Македонија според него и е насушно потребна Национална реформска комисија, преку која владата на коалиционото мнозинство ќе го сподели јавниот демократски политички простор со реформски и демократски настроениот експертски дел од јавноста, со како што вели прогресивната интелигенција на општеството која и ден денес не се одважува да се престрои во “партиските трла“.

“Оттука  дека  на државата и е насушно потребен целовит, интегрален и консеквентен пристап или реформски пакет “ол-инклусив“, а тоа   не е можно со сепаратни “комисичиња“ лево – десно, ваму – таму по министерствата и институциите. Потребни и́ се умни и образовани поединци кои едноставно сакаат и умеат критички да мислат и искрено критички да ја опсервираат општествената реалност, а притоа да си ја задржат слободата од либертаријански тип. А такви имаме сериозно многу и нивниот број се́ повеќе расте”- потенцира основачот на Институтот ИНТЕГРА.

Во извештајот нотиран е позитивен исчекор реформите мораат да продолжат и тоа во јавната администрација, во борбата со корупцијата и организираниот криминал, а особено во судството.  предизвици не очекуваат?

“Во повеќето издвоени сегменти на политичкиот систем, дадени се општи констатации и препораки. На пример, во делот на најавите за реформи во УБК, констатирани се чекори во нормативниот дел, мерки за внатрешна контрола и надворешно опсервирање. Во делот на борба против корупцијата, освен мал исчекор во нормативниот дел се дава сугестија да се продолжи со напорите во правец кон справување со корупцијата. Јавната администрација според Брисел е земена во сериозна опсервација и покажан е нормативен исчекор, но потребно е поконкретно зајакнување на мерит системот (според заслуги) и конкретни чекори за де-политизација и професионализација на јавната администрација. Слободата на медиумите и на јавното изразување е подобрено, намален е притисокот спрема новинарите, јавното информирање е повеќе избалансирано. Во овој сегмент се бараат мерки за јакнење на независноста на јавниот медиумски сервис. Интер – етничките односи се смирени, вели Брисел во извештајот.Да заклучам, користењето за повеќето области на фразата “некое ниво на подготовка и напредок е постигнат“, за мене е знак дека реформите се практично “гребење по површината“, наместо “длабоко орање“ по системот”- оценува професорот Ристовски.

Дополнително смета дека само “полните демократии“ имаат развиено високо ниво на внатрешна отпорност кон екстремизми однадвор и одвнатре, имаат внатрешни механиизми за анестетизирање на било кое ниво на конфликтност во општеството, без разлика дали е продуцирано однадвор или одвантре. Оттука  додава дека само во такви услови на полна демократија, Македонија ќе може докрај да ги исцрпува сите внатрешни демократски ресурси сиот свој внатрешен потенцијал за движење на државата и општеството според теркот на развиените западни демократии. Поинаку вели  едноставно, не се може.

“Европската комисија нотира во извештајот дека политичката криза која ја претрпевме изминативе години е најостра после 2001-та. Два аспекти се битни во тој контекст. Првиот е дека Македонија како општество и држава зрее и успева, иако малку неспретно, но сепак успева да се справи и во првиот и во вториов случај со кризните ситуации. Ова сепак покажува дека внатрешната отпорност на општеството кон странични кризни влијанија на негативните застранувања од разни екстремизми однадвор и одвнатре, постои и делува. Вториот е дека поуката која е потребно да ја извлечеме е дека само визија за концептот “полна демократија“, според политичките науки, е перспективен и одржлив модел за прогрес и просперитет на општествата и нациите. Се́ друго, кое е на пониско ниво од оваа амбиција за Македонија, ќе биде осудено на неуспех и нема да биде одржливо на долг рок”- објаснува д-р Ристовски.

Предизвик останува надминување на проблемот на “заробената држава” и сериозни предизвици меѓу кои и решавање на спорот со името.  Оптимална временска рамка за влез на Македонија во европското семејство вели е проблематично да се прогнозира.

“Мојот совет до Брисел е да одигра “бона фиде“ чекор и да определи датум за отпочнување на преговорите одма. Тоа би било круна на заедничките напори да се стабилизира регионот и да се отворат нови перспективи. Многу поважно е ние да се подготвиме веднаш, за да можеме да се носиме со предизвиците на членството во Европска унија. Обидот на актуелната влада да ги санира односите со Грција и притоа да ја намали конфликтноста во регионот е начелно добар. Но, пристапот кон политиките во тој дел е погрешен. Не смеете да ја намалувате конфликтноста со соседите на сметка на зголемување на внатрешната конфликтност во македонското општество. Ако вие пристапите кон соседите со нагласена и во многу елементи непристојна или премногу соголена “апизмент политика“, тогаш природно е да очекувате зголемена внатрешна тензичност во општеството, и притоа зголемена внатрешна политичка конфликтност. Ако во овој дел не пронајдете пристојно избалансиран модел на политики, тогаш сте ја промашиле целта. Не е крајната цел да им удоволиме, само и исклучиво на соседите, туку и да ги имаме во предвид интересите на нацијата и од тој аспект да се отвораат перспективи на генерациите после нас. Доколку сме недостоинствени во политиките сега, сметајте дека власта ни ја “ведне главата“ нам денес, но им ја “ведне главата“ и́ на идните генерации”- заклучува  професорот Ристовски.

Власта во следниот период смета дека ќе биде ставена пред уште поголеми предизвици кои ќе бараат сериозни и обмислени чекори.Таа како што вели  е избрана за да го зајакнува националното достоинство на секоја индивидуа, а не да го гази непристојно.

“Нема иднина со наведната глава и со погазено достоинство на нацијата. Секоја непристојно дадена отстапка, ќе значи отворена рана во срцето на генерациите после нас и ќе значи погазени дела на плејада борци кои се жртвуваа за слободна Македонија и за Македонски народ да биде свој на своето. Секој кој ќе го заборави ова и под флоскулите дека “народот е гладен“ и ќе го притиснеме за да прифати било што кое ќе му го сервираме, се лаже. Моменталната придобивка за свои лукративни политички цели ќе се врати како бумеранг со непријатни реакции од понижениот и со згазено достоинство народ. Нема перспективи таквиот пристап.. Ако власта не води сметка за националните идентитетски чувства на својот народ во етничка смисла, тогаш сметајте дека таквата власт нема да трае уште долго. Шекспир рекол на времето, народот на долги патеки, секогаш мисли со своја глава. Не сакам да звучам пророчки, но имајте го ова на ум и следете што ќе се случува во периодот кој доаѓа”–потенцира професорот Ристовски.

За тоа ниво да го достигнеме, според него потребни се коренити реформи, потребно е “длабоко орање“ на системот и поредокот. Потребна е вели  политичка волја и откажување од  лукративни партиски себични интереси и да се сетира срцето и умот врз секоја индивидуа и нејзиниот стремеж за лични дострели на секое поле во својот живот бидејќи  животот на секој е еден и единствен, неповторлив.

С.Б.

https://faktor.mk/d-r-ljupcho-ristovski-jasni-poraki-i-nasoki-od-eu-samo-konceptot-polna-demokratija-ostanuva-perspektiven

Провери!

Институтот Интегра – членка на SALLUX

На 13 јуни 2019 година, на осмото Генерално собрание на членките на SALLUX што се ...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *